










Пелистер одигра нерешено 1-1 против екипата на Камјани во натпреварот од првото коло на Втората македонска фудбалска лига. „Зелено-белите“ во текот на целиот натпревар ја имаа топката во свој посед, напаѓаа и создаваа прилики, но на крајот мораа да се задоволат со еден бод.
Пелистер од самиот почеток ја презеде иницијативата и постојано го притискаше противничкиот гол. Битолчани ја контролираа играта, комбинираа и бараа простор за завршен удар, додека гостите главно се ориентираа кон одбрана и контранапади.
И покрај доминацијата на „зелено-белите“, Камјани успеа да стигне до водство во 31. минута. Пелистер продолжи со истото темпо и по примениот гол, а нападите кон противничкиот гол стануваа сè почести.
Во второто полувреме сликата на теренот не се промени. Топката постојано беше во нозете на пелистерци, кои преку брзи акции и нафрлувања се обидуваа да дојдат до израмнување. Домашниот тим создаваше шанси, но реализацијата недостасуваше.
Притисокот конечно вроди со плод во 85. минута кога Пелистер доби пенал. Одговорноста ја презеде Мартин Мирчевски, кој беше сигурен од белата точка и го израмни резултатот на 1-1.
До самиот крај „зелено-белите“ продолжија да напаѓаат и да бараат целосен пресврт, но противничката мрежа не се затресе повторно.
Пелистер со освоениот бод ја започна сезоната, а во следното коло го очекува нов предизвик и натпревар на домашен терен против Брера.
Стартна постава:
Илоски, Грозадновски Х., Ристевски К., Славков, Крстевски, Спиркоски, Спировски (капитен), Наумоски, Мирчевски, Капсаров, Христов
Резервни играчи:
Петровски, Стојановски, Муриговски, Тасев, Ристевски П, Љамчевски, Сиваков, Фејзулаи, Мрмачовски, Капсаров Н, Талевски



