Фк Пелистер Битола

Пелистер Битола

Фудбалски клуб

Историја на клубот

Divider Image

ФК Пелистер e фудбалски клуб од Битола, Македонија, кој моментално настапува во Прва Македонска Фудбалска Лига. 

Боите на клубот традиционално се зелени и бели. Грбот е формиран во форма на штит, на горниот лев агол секогаш го имал испишан бројот 1945, што е година на основањето на клубот. Во најновата верзија вклучува кирилични букви ФК, на десната страна, oблик на планина во позадина (во чест на планинскиот врв Пелистер) со името на клубот во центарот и класична фудбалска топка  под него. Првите верзии на гребенот ја вклучуваа црната боја, но сега целиот беџ користи само две бои, зелена и бела.

ФК Пелистер е формиран во 1924 година, најпрво под името Омладина, кое подоцна било сменето во Пелистер, а подоцна во СК Битола. Клубот повторно се појавил под старото име Пелистер по ослободувањето во 1945 година, а веќе во 1946 година станал првак во битолскиот фискултурен округ. Истата година, клубот се споил со ФК Работник, но го задржал името Пелистер. Некои од попознатите играчи од тоа време биле: Ѓеоргиевски, Димитровски, Мицевски, Петровски, Наумовски, Лазаревски, Шекерџиевски, Аврамовски, Несторов и Ефтимовски.

Пелистер за првпат во својата историја влегол во втората југословенска лига во сезоната 1974/1975. Пелистер не успеал да се задржи подолго време во втората лига, но подоцна се вратил во лигата во 1982 година, кога на чело на клубот биле Митко Бутлевски и тренерот Иван Чабриновиќ. Пред распаѓањето на СФР Југославија, Пелистер настапувал и во Првата сојузна лига.

По осамостојувањето на Република Македонија, Пелистер континуирано се натпреваруваше во првата македонска фудбалска лига сѐ до сезоната 2002/2003, кога клубот испаѓа од највисокото натпреварување во Македонија.

Пелистер нема освоено шампионска титула во првенството на Македонија, но двапати е освојувач на Купот на Македонија во 2001 и во 2017 година.

Divider Image

Титули

СР Македонија – Македонска републичка лига:

  • Победник (7): 1949–50, 1950–51, 1956–57, 1959–60, 1960–61, 1974–75, 1981–82

Македонија Втора македонска лига:

  • Победник (2): 2005–06, 2011–12

СР Македонија Македонски републички куп:

  • Победник (4): 1959, 1962, 1985, 1991

Македонија Куп на Македонија:

  • Победник (2): 2000–01, 2016–17
  • Финалист (2): 1992–93, 1993–94, 2017-18
Divider Image

Легенди на клубот


Петар Упалевски (1952), фудбалер

Со спорт почна да се занимава уште во основно училиште „Стив Наумов“ и тоа со ракомет, кошарка и фудбал. Во 1966 година беше основана првата пионерско-младинска фудбалска школа на Пелистер и тоа беше пресудно да почне сериозно да се занимавам со оваа игра, под раковоство на тренерите-педагози Васко Вангелов и Крсте Ефтимовски. Со своите настапи со младинскиот тим на Пелистер, се избори за место во младинска репрезентација на Македонија на републичко покраински турнир во Цетиње, Црна Гора. На 18-годишна возраст заигра за првиот тим на Пелистер и подоцна го направивме најголемиот успех во клупската историја дотогаш со пласманот во Втората југословенска лига. До денес е фудбалер со најмногу настапи во дресот на Пелистер, а кариерата ја заврши во 1984 година. На неговиот проштален натпревар присуствуваше и југословенската фудбалска легенда, Владимир Петровиќ Пижон. Прогласен беше за спортист на Битола во 1973 година. Почнува тренерска кариера и со забележителни резултати долги години работеше во школата на клубот.


Драган Канатларовски (1960), фудбалер

Роден во село Цапари, битолско. Своето професионално деби го има во 1982 година во Пелистер, во кој игра наредните три сезони. На почетокот од првенството на Југославија во 1985/86 година заминува за Скопје и настапува за Вардар. Во летото 1989 година се сели во Белград во Црвена везда, со која во сезоната 1989/90 го освојува првенството на Југославија како и Купот на Југославија. Од 1990 до 1992 година настапува во Шпанија, за Депортиво Ла Коруња, која во тоа време настапува во втората шпанска лига и таа сезона успева да се врати во Примера (првата шпанска лига). После Шпанија, фудбалската кариера ја продолжува во Турција, во Каршијака од Измир, по што се враќа во Македонија во прилепска Победа. Настапи за репрезентацијата на Југославија – младинци до 23 години (14 пати), за репрезентацијата на Југославија, а за репрезентацијата на Македонија одигра десет натпревари и постигна два гола. Својата кариера како репрезентативец ја завршува во 1995 година. По завршувањето на активната фудбалска кариера, почнува активно да се занимава со тренерска активност – селектор е на македонската фудбалска репрезентација, тренер на Беласица од Струмица, Победа од Прилеп, Вардар од Скопје. Во 2008 г. станува тренер на Локомотив Пловдив, а со успешх работеше и во Србија, БиХ и Црна Гора.


Петар Милошевски (1973 – 2014), фудбалер

Роден во Битола. Основното и средното образование го завршува во Битола. Дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 1999 година. Со спорт почнува да се занимава од најрана возраст – со активно тренирање почнува на 10 години, а на 13 години го добива првиот повик за настап во пионерската репрезентација на Југославија. Спортската кариера ја започнува во Пелистер од Битола, во 1990 година. Од 1994 до 1998 година игра за Вардар. Потоа заминува за Турција каде настапува за Трабзонспор од 1998 до 2001 година. Во 2001 година преминува во Малатијаспор, каде останува до 2004 година. Во сезоната 2004/05 година се натпреварува за „Акчабат Себастспор“, а во 2005 година преминува во Еносис Неон Паралимни (Кипар). Настапува за јуниорската репрезентација на Југославија и одигрува 16 натпревари. За фудбалската репрезентација на Македонија настапува 59 пати. Од позначајните успеси се издвојуваат: шампион на Македонија со Вардар 1994/95 година и Куп на Македонија со Вардар 2004/05 година. Во април и мај 2010 година во Дојран ја почнува тренерската едукација во Центарот за едукација на Фудбалската федерација на Македонија и се здобива со „Б“ лиценца за фудбалски тренер. До несреќната смрт во сообраќајна несреќа ја извршуваше функцијата директор на фудбалската репрезентација на Македонија.


Тони Мицевски (1970), фудбалер

Роден во село Поешево, битолско. Своите почетоци во фудбалот ги прави во родното место со Поешево, каде настапува од 1985 до 1987 година. Следните три години игра во Новаци, а во 1991 година доаѓа во Пелистер, каде останува до 1996 година. Тоа лето заминува во Германија, каде со Ханза Росток настапува во Бундеслигата. Во Германија останува до 2005 година. Во тој период настапува за фудбалските клубови Тенис Борусија Берлин (1998-2000), Енерги Котбус (2000- 2002) и Оснабрик (2002-2005). Постојано настапува за македонската репрезентација од осамостојувањето на Македонија, па сè до 2002 година и одигра 47 натпревари (со постигнати четири гола), а последните пет години е капитен. Првиот натпревар за репрезентацијата го одиграл во Крањ – Словенија, со резултат од 1-4 за Македонија. Во периодот од јануари до јули 2000 година настапува за Победа, која истата година го освојува Купот на Македонија. Поседува тренерски лиценци А и Б. Во периодот од 2005 до 2008 година работи како технички директор на Пелистер, кога клубот постигнува еден од најголемите успех во своето постоење, освојувајќи го третото место во Првата македонска лига и игра натпревар во Купот на УЕФА со екипата на Апоел од Кипар. Во 1994 година Тони Мицевски е прогласен за најдобар спортист на Битола.


Митко Стојковски (1972), фудбалер

Роден во Битола. Своите почетоци во фудбалот ги прави во Пелистер, каде настапува од 1989 -1991 година, период кога Пелистер влегува во Првата сојузна фудбалска лига на Југославија. Во 1991 година заминува за Белград, каде за Црвена Звезда настапува до 1995 година. Во тој период освојува две титули – првак на Југославија и две Куп-титули. Од 1997 до 2000 година член е на Реал Овиедо, тим кој се натпреварува во првата шпанска лига – Примера. Од 1997 до 2000 година ги брани боите на Штутгарт и постигнува голем успех влегувајќи во финалето на Купот на Куповите на Европа. Во својата активна фудбалска кариера Митко Стојковски ги поминува сите младински селекции на Југославија, а од осамостојувањето на Македонија, па до 1998 година 26 пати настапува за Репрезентацијата на Македонија и постигнува пет гола. Во периодот од 2005 до 2008 година работи како спортски директор во Пелистер, период кога клубот успешно се враќа во првата лига и се пласира за учество во Купот на УЕФА.

Ѓорѓи Христов (1976), фудбалер

Роден во Битола. Македонски професионален фудбалер, еден од најдобрите фудбалери што ги имала Македонија. Својата фудбалска кариера ја започнува во родниот град каде од 1992 до 1994 година игра за Пелистер. Во 1994 година со само 18 години битолскиот талент заминува во Белград во Партизан, каде за три сезони играње постигнува 21 погодок. Одличните настапи и завидната ефикасност кај „црно-белите“, му даваат виза за да замине во тогашниот англиски прволигаш Барнсли, каде, исто така, останува три години. Од Англија во 1998 година заминува во Холандија каде со прекини игра пет сезони. Три години во НЕЦ Нијмеген, па една во Цволе и во Ден Бош. Периодот поминат во Холандија му е доста успешен, со постигнати вкупно 27 гола. Во меѓувреме, по половина сезона настапува во Данфермлајн (Шкотска), Дебрецен (Унгарија), Хапоел Назарет (Израел), Олимпијакос (Кипар), Баку (Азербејџан) и Јиваскилан (Финска). Многу успешно настапува и за репрезентацијата на Македонија. Во периодот од 1995 до 2005 година има одиграно 49 натпревари со постигнати 17 гола и повеќе од 11 години е најдобриот репрезентативен стрелец на Македонската репрезентација.


Неџат Хусеин (1962), фудбалер

Еден од најталентираните фудбалери во Битола и во тој период во цела Македонија. Голем дел од кариерата ја помина во матичниот Пелистер, а играше и во Турција. Настапи и за југословенската репрезентација, а во кулоарите важи за најдобриот фудбалски мајстор во градот под Пелистер. Започна тренерска кариера и ги водеше Пелистер (неколку пати), Победа, Шкендија, Струга, Напредок и уште многу други македонски клубови.


Благоја Китановски (1962), фудбалер

Роден е во Битола и ги минува сите младински категории на Пелистер. Робусен центарфор со неспорно фудбалско знаење и напаст за противничките одбрани. Во сезоната 1986/87 минува во Раднички Ниш, а следната сезона се сели во Шпанија како прв Македонец кој заигра во Примера. Потпиша за Сабадељ и мина две сезони на Пиринеите. Следи враќање во југословенската лига и потпис за Војводина. По завршувањето на кариерата во Пелистер, во матичниот клуб почнува тренерска кариера. Ги води и Тиквеш, Слога Југомагнат, Милано, а работи и како селектор на У21 националниот тим и спортски директор во повеќе клубови.


Тони Савевски (1963), фудбалер

„Бисер“ на школата на Пелистер кој многу рано прави трансфер во Вардар. Во 1988 година се сели во грчки АЕК и минува скоро цела кариера во атинскиот гигант. По 13 сезони во „жолти-црниот“ дрес ја завршува кариерата во 2001 година. Собра два настапи за југословенската и девет за македонската репрезентација. Почнува тренерска кариера и работи во Грција и Кипар.


Дејви Главевски (1967), фудбалер

Како напаѓач кој ветува дебитира за Пелистер во 1985 година. Следи трансфер во белградски Рад, каде минува две сезони. Пак се враќа во мак-фудбалот и го носи дресот на Пелистер и Тиквеш. Нов успешен чекор во кариерата му е преминот во дански Велје во 1996 година. За националниот тим на Македонија дебитираше со хет-трик против Лихтенштајн во Вадуз.


Николче Новески (1979), фудбалер

По најтешкиот пат дефанзивецот Новески од Пелистер и Новаци се сели во Германија. Од најниските рангови стигнува до капитенската трака во бундеслигашот Мајнц. Игра цела една деценија како стандарден првотимец во Бундеслигата – нешто што не му успеало на ниту еден Македонец. Кариерата ја завршува во 2015 година. За националниот тим запиша 64 натпревари и постигна пет гола.


Горан Ставревски (1974), фудбалер

Роден во село Поешево. Изгради одлична кариера како централен дефанзивец и гордо го носеше дресот на националната репрезентација. Во 1998 година се сели во Загреб и дел е од шампионската генерација на овој хрватски клуб. По пет сезони во Хрватска потпишува за турски Дијарбакир, каде минува четири сезони. Кариерата ја завршува во матичниот Пелистер. За репрезентацијата на Македонија запиша 40 настапи и постигна три гола. Почнува тренерска кариера во второлигашот Новаци.


Спасе Ристевски (1962), фудбалер

Еден од најкултните фудбалери во историјата на Пелистер. Цела кариера ја мина во матичниот клуб и важи за еден од фудбалерите со најголем број настапи во зелено-белиот дрес. Дел е од големите успеси во Втората југословенска лига и Купот на Југославија. Следи почеток на тренерската кариера, работи во младинските категории долги години, а како тренер на првата екипа го освојува Купот на Македонија во 2001 година (прв трофеј во историјата на клубот).


Кире Грозданов (1970), фудбалер

Eден од најталентираните фудбалери на својата генерација. Дебитира за Пелистер во 1988 година, уште како младинец. Се наметнува крај десната аут линија и дел е од првата генерација на македонската репрезентација која во Крањ ја совлада Словенија со 1-4. Во 1994 потпишува за Вардар и ги освојува сите трофеи во тимот воден од Ѓоко Хаџиевски. Следи премин во Победа и крај на кариерата во матичниот Пелистер. За националниот тим одигра седум натпревари. По завршувањето на кариерата работи со младите категории во клубот.


Наум и Љупчо Љамчевски, фудбалери

Браќата Љамчевски се меѓу најдобрите братски тандеми во македонскиот фудбал. Двајцата креативци во средниот ред изградија одлична кариера во битолски Пелистер, а Наум во еден период и во Шведска. Токму повозрасниот, Наум Љамчевски почнува и тренерска кариера, водејќи голем дел од македонските клубови, а беше дел и од У21 репрезентацијата.

Divider Image
Годините

Времеплов низ