Хапоел Хаифа, Макаби Петах Тиква, Панатинаикос, Вардар, Работнички, Брегалница и уште многу квалитетни противници ги очекуваат нашите зелено-бели бисери во подготвителниот период!
Во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2026/2027, нашите младински категории ги очекува богат и квалитетен распоред исполнет со контролни натпревари и настапи на домашни и меѓународни турнири.
Нашите генерации ќе имаат можност да ги одмерат силите со реномирани клубови и академии како Хапоел Хаифа, Макаби Петах Тиква, Панатинаикос, Вардар, Работнички и Брегалница, како и со репрезентацијата на Македонија (генерација 2010), а ќе одиграат и контролни натпревари против сениорските екипи на Еуромилк и Новаци. Покрај тоа, предвидени се настапи на повеќе силни турнири во Македонија, Грција и Црна Гора.
Посебно внимание привлекува турнирот во Скопје, кој се организира во чест на Александар Пандовски – Панда, каде генерацијата 2008/2009 ќе настапи во исклучително силна конкуренција заедно со Вардар, Работнички, Брегалница, репрезентацијата на Македонија (2010), како и сениорската екипа на Еуромилк.
Овие натпревари претставуваат важен дел од подготовките за новата сезона и ќе бидат одлична можност за нашите зелено-бели бисери да стекнат ново искуство, да го подигнат нивото на игра и максимално подготвени да ја дочекаат новата натпреварувачка сезона.
