
















Пелистер ремизираше на гостувањето во Кавадарци против екипата на Тиквеш со резултат 2-2 во претпоследното коло од Првата македонска фудбалска лига.
Натпреварот започна подобро за „зелено-белите“ кои уште од самиот старт покажаа желба за надигрување и создадоа неколку добри прилики пред голот на домаќините. Пелистер најчесто се закануваше преку нафрлувања и удари од дистанца, а најдобрата можност ја имаше Стефан Спировски кој од непосредна близина не успеа да ја затресе мрежата на Тиквеш.
По почетниот притисок на битолчани, домашната екипа постепено ја презеде иницијативата. Во 29-та минута Тиквеш стигна до водство преку Ацковски кој најдобро се снајде во шеснаесетникот на Пелистер и погоди за 1-0. Само десет минути подоцна домаќините добија пенал, а Сила беше сигурен реализатор за предност од 2-0. До крајот на првиот дел Пелистер се обидуваше да се врати во игра, но резултатот остана непроменет.
Во второто полувреме Пелистер влезе многу поофанзивно и со поголема желба за пресврт. „Зелено-белите“ создаваа притисок кон голот на Тиквеш, а најпрво беше поништен погодок поради офсајд ситуација. Надежта за Пелистер пристигна во 73-та минута кога капитенот Мирко Ивановски намали на 2-1. Само неколку минути подоцна повторно Ивановски беше на вистинското место и со втор погодок донесе израмнување за битолчани.
До крајот на натпреварот Пелистер имаше уште неколку добри прилики и беше поблиску до целосен пресврт. Беше постигнат и уште еден погодок кој беше поништен поради офсајд, а Ивановски имаше одлична шанса во финишот, но домашниот голман успеа да интервенира.
Според прикажаното во второто полувреме Пелистер заслужи и повеќе од бод, но натпреварот заврши без победник. Со освоениот бод „зелено-белите“ остануваат во битката за опстанок и во последното коло ќе ја пречекаат екипата на Башкими во Битола.
Стартна постава:
Јовчевски, Здравковиќ, Ристевски К., Ристевски А., Србијанац, Бошковски, Спировски, Крстевски, Ристовски, Булатовиќ, Ивановски М. (капитен).
Резервни играчи:
Димовски, Грозадновски Х., Милојевиќ, Стојановски, Миленковски, Ангелевски, Мрмачовски, Петковски, Керим, Петровиќ Ф., Здравевски.
16 мај 2026
