












„Зелено-белите“ славеа на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола со 2-0 против екипата на Македонија Ѓорче Петров од рамките на 28-то коло на Првата македонска фудбалска лига.
Првото полувреме започна со офанзива на „пелистерци“ по голот на гостите. Шансите се креираа од сите страни на шестнаесетникот, но топката никако не ја помина гол-линијата. Најопасната шанса во првото полувреме ја имаше Стефан Спировски во 30-та минута, кога со глава биеше, но противничкиот играч од самата гол-линија ја спаси топката и резултатот остана непроменет. Потоа Керим во одлична шанса под притисок и влечење од грб излезе очи во очи со голманот, но подобар беше Јанков. На спротивната страна во 42-та минута Јовчевски одбрани силен удар од далечина со променет правец, кој практично беше единствената шанса за гостите. Пелистер силен притисок вршеше до крајот на полувремето, но во соблекувалните сите играчи заминаа со резултат 0-0.
Уште на самиот старт од второто полувреме, Пелистер продолжи со веќе започнатото и поведе со 1-0 во 48-та минута со голот на капитенот Мирко Ивановски. Голот се постигна со одлична акција и додавање на Спировски до Керим, кој од левата страна асистира до Ивановски. Следни на потег беа гостите, кои се заканија преку Пецов, но неуспешно. Во 58-та минута Гуереро, играчот на Македонија Ѓорче Петров, по втор жолт беше исклучен од натпреварот. Милан Србијанац го заклучи натпреварот во 72-та минута, кога во соло продор и прекрасен силен удар со десната нога од над дваесетина метри ја осигура победата на Пелистер и важните три бода.
Оваа победа важи за една од клучните победи на Пелистер во остатокот од борбата за сигурен опстанок и избегнување на баражот. Следен натпревар за Пелистер е на 26 април во Струмица против екипата на Брера Академија Пандев.
Стартна постава:
Јовчевски, Здравковиќ, Ристевски К., Гроздановски Х., Србијанац, Ристовски, Крстевски, Спировски, Керим, Булатовиќ, Ивановски (капитен).
Резервни играчи:
Петровски, Ивановски С., Ристевски А., Стојановски Х., Гроздановски Т., Милојевиќ, Мрмачовски, Петковски, Здравевски, Ангелевски, Петровиќ М., Керим
Направени измени:
Жолти картони:
18 април 2026
