Фудбалскиот клуб Пелистер го заокружи процесот на заштита на својот бренд и официјално го регистрираше името и визуелните обележја на клубот како трговска марка.
По 81 година постоење, ова претставува значаен чекор во заштитата на идентитетот, традицијата и препознатливите обележја на ФК Пелистер.
Со регистрацијата на трговската марка, името, логото, препознатливата зелена боја и другите заштитени обележја на клубот не смеат да се користат за производство и продажба на производи без претходно одобрение од ФК Пелистер.
Тоа се однесува на дресови, сувенири, облека и други реквизити кои го содржат името, логото, боите или други заштитени обележја на клубот.
ФК Пелистер во изминатиот период посветува особено внимание на заштитата и унапредувањето на својот визуелен идентитет, како и на официјалната клубска понуда на производи преку Фан Шопот.
Со оваа постапка клубот прави уште еден чекор кон воспоставување јасни стандарди во користењето на името и обележјата на ФК Пелистер и нивна соодветна заштита.
Името Пелистер е дел од историјата на Битола и од традицијата на генерации навивачи. Неговата заштита е обврска кон клубот, но и кон сите оние кои со децении го носат зелено-белото име.