Кобно лошото прво полувреме, Пелистер загуби четврти пат по ред

Пелистер сè уште ја чека првата победа во Битола оваа сезона, откако и во вториот обид на домашен терен беше поразен, овојпат од Башкими со 1-2 (0-2), во рамките на седмото коло на Првата фудбалска лига.

Топлото време донесе летаргичен почеток за домашната екипа, додека гостите од Куманово многу подобро се снајдоа и отворија со погодок уште во првиот посериозен напад во петтата минута. Акцијата на половината на битолчани ја започна Симоновски, кој го проигра Пановски, а овој му овозможи на Хаџиќ да упати удар, што резултираше со водство. Пелистер не успеа психолошки да се врати во натпреварот, па освен неколку полушанси, не ја консолидираше играта. Белиќ беше еден од најрастрчаните, па во 16. минута се најде во ситуација да шутира или да проигра, но избра погрешно, бидејќи Петковски беше во офсајд. Веќе во следниот напад Белиќ собра храброст да бие, па изнуди корнер.

Наспроти тоа, гостите беа конкретни. Најпрво Симоновски беше „очи во очи“ со голманот на Пелистер, Андреј Јовчевски, а во 19. минута Аворнио по левата страна стигна до линијата на шеснаесетникот и во мешаницата го пронајде Хаџиќ, кој повторно беше магнет за топката. Тој успеа да ја протне низ нозете на противниците и да ја смести во подалечниот агол на Јовчевски, кој беше покриен и реагираше задоцнето.

Домашните не успеаја да создадат сериозна шанса, но тројната замена на Капинковски во 31. минута ја стабилизираше играта и не дозволи Башкими да стигне до нова прилика во првиот дел. На почетокот на второто полувреме, Пелистер покажа многу поактивна и борбена игра, а првата сериозна акција донесе удар од единаесет метри за битолскиот клуб. Гроздановски беше најзаслужен за пеналот, но капитенот Александар Ристевски не успеа да реализира, погодувајќи го Јашари во нозете. Одбиената топка ја закачи Марјан Ристовски, но неговиот удар со глава заврши во пречка.

Пелистер продолжи да создава шанси, во 62. минута се биеше од свртување, но над голот. Во 67. минута Стефан Спировски презеде одговорност во нападот, го проигра Миленковски, кој му ја врати топката, по што искусниот поранешен репрезентативец го совлада голманот на Башкими.

Иако имаа теренска иницијатива и се изборија за неколку корнери, битолчани немаа конкретни решенија во клучните моменти. Ангеловски и Мрмачовски внесеа свежина во нападот, но реализацијата изостана. Во финишот Башкими се закани преку Џелили, кој изнуди корнер, а Јахија во следниот напад ја погоди пречката. Тоа беше премалку за да се потврди нивната надмоќ, но доволно за да останат победници, бидејќи Пелистер немаше сили до крај да казни и да стигне до израмнување.

Во следното, осмо коло, Пелистер гостува кај Струга Трим Лум, в недела од 15:30 часот.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *