„Поминаа 14 дена откако ја презедов екипата и во овој период одигравме два подготвителни натпревари.
Системот на натпреварување во Втората лига налага во текот на сите 90 минути во составот да имаме четворица млади фудбалери, од кои најмалку еден треба да биде под 19 години.
Поради тоа, во процес сме на создавање нова екипа, составена од искусни сениори и млади играчи.
Во моментов во ростерот се вклучени голем број фудбалери од младинската школа на ФК Пелистер.
Имаме седум играчи родени во 2005 и 2006 година, како и десет играчи родени во 2007, 2008 и 2009 година. На двата подготвителни натпревари сите фудбалери добија приближно еднаква минутажа, со цел да добиеме реален увид во квалитетот на младите играчи со кои располагаме.
Сакавме да видиме на кого можеме да сметаме веднаш, а на кого му е потребно дополнително време за развој и созревање.
Токму поради тоа ги закажавме овие два натпревари. По нивното одигрување веќе имаме многу појасна слика за екипата, како и за позициите на кои ќе биде потребно дополнително да се засилиме.
На двата натпревари покажавме одредени добри карактеристики, но истовремено ги забележавме и слабостите на кои ќе треба да посветиме поголемо внимание во наредниот период.
Сигурно е дека ќе бидат потребни време и трпение. Сепак, само со напорна работа, дисциплина и максимална посветеност можеме да напредуваме и да ја оствариме нашата цел, а тоа е пласман во Првата лига.“