ФК Пелистер денес ги започна подготовките за престојната сезона со нов стручен штаб и неколку нови имиња од кои се очекува дека оваа година ќе биде постигната целта. Има нови млади фудбалери од кои се очекува многу во иднина и на тој начин драстично ќе биде подмладен тимот. За тоа кој ќе добие шанса во првиот тим тренерот Костов ќе одлучи после припремите.
Со три нови имиња и две приклучувања од младинскиот погон, најголемиот фаворит во Втората лига, битолски Пелистер попладнево ги започна подготовките за новата сезона. Покрај напаѓачот Симеон Христов, нови имиња во клубот од Битола се младите Марио Дебрешлиоски и Давид Јошески од Караорман. Двајцата имаат 21 година и со ентузијазам доаѓаат во новата средина. Кон сениорскиот тим се приклучени Андреј Силјановски, Габриел Крстевски и Натаниел Димовски
Комплетно нов е и стручниот штаб, со Влатко Костов како шеф на стручниот штаб, Вангел Алтипармаковски како негов асистент, Горан Пашовски како тренер на голмани и Саше Велјановски како кондиционен тренер.
Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Влатко Костов на денешната прозивка го изјави следното:
-Прво, би сакал да се заблагодарам на луѓето кои одбраа јас да го водам Пелистер и да се бориме за она кое не успеавме минатата сезона. Во Битола минав еден од најубавите периоди во мојот живот, градот го паметам убаво и уште еднаш ќе кажам чест ми е што сум овде. Уште по моето назначување кажав дека уште од првиот ден ќе мислиме како да се вратиме во Првата лига, затоа што се останато е излишно да се зборува. Не треба да се занимаваме со историјата, туку да ја гледаме иднината и самите да си ја зацртаме. Спортска Битола, навивачите, јавноста го очекува тоа, мораме и ние исто да размислуваме, а за тимот кој ќе “брка“ Прва лига додаде:
-Тимот не се промени многу, по моето назначување беа ослободени некои играчи од тука. Имаме и две млади пополнувања, пред да дојдам. Откако дојдов јас направивме да дојде Симеон Христов. Им кажав и на играчите, нема да сум човек кој ќе брза и да прави бројка на играчи, туку барам играчи кои ќе бидат носители на играта и ќе донесат квалитет и разлика. Битола има млади квалитетни играчи, а ние ќе донесеме имиња за кои сметаме дека ќе бидат засилувања и ќе има здрава конкуренција. Во сите линии на тимот ние ќе бараме уште најмалку по еден играч.
Пријателски натпревари на Пелистер во претсезоната:
15 јули (17:30 часот): Пелистер – Новаци – стадион „Петар Милошевски“ – Битола
19 јули (17:30 часот): Пелистер – Саса – стадион „Петар Милошевски“ – Битола
22 јули (17:30 часот): Пелистер – Вардар Неготино – стадион „Петар Милошевски“ – Битола
26 јули (17:30 часот): Охрид – Пелистер – стадион „Билјанини извори“
29 јули (17.30 часот): Брера Академија Пандев Струмица – Пелистер
5 август: Противникот дополнително ќе биде одреден