ФК Пелистер ги известува своите симпатизери и навивачи дека и покрај непредвидениот кикс во Виница во саботата,клубот останува истраен во своите цели да се бори до последното коло за пласман на едно од првите три места на табелата, кои водат во Првата лига или во баражот за пополнување на местата кои водат во елитната категорија.
Клубот зацрта проект по кој се движи од првиот ден кога пристигна новата управа и убедени сме дека сме на вистинскиот пат. Наша цел останува победа на секој натпревар и можност за максимален број на бодови до крајот на сезоната. Само со максимален ангажман можеме да ги направиме нашите навивачи горди и да ја продолжиме мисијата за враќање во Првата лига.
Сакаме да потенцираме дека клубската школа гради систем кој мора да го почитуваат сите членови во неа, сите тренери и чинители на професионален фудбалер кој го носи дресот на ФК Пелистер. Тој систем е база за создавање пред се на здрави личности и секако на фудбалери кои би биле столбот на нашиот клуб.Убедени сме дека со ваква поставеност, подобрување на условите и професионална работа, резултатите сами ќе си дојдат. Последните резултати на нашите млади категории, третманот на младите фудбалери и повиците во националните селекции во одредени возрасни категории потврдуваат дека се наоѓаме на вистински пат.