Екипите на Силекс и Пелистер одиграа натпревар без големо резултатско значење и ремизираа со најнепопуларните 0-0 во претпоследното коло од Првата македонска лига. Васоски и Захариевски се одлучија за шаренолики состави и во двете екипи заиграа неколку млади фудбалери.
Темпото на моменти беше исклучително мирно, се чинеше дека ривалите немаат преголема желба за надигрување, па така на паузата меѓу двете полувремиња останаа почетните 0-0. Второто полувреме повторно започна во знакот на мирна игра, без преголема динамика на средината од теренот.
Додев се разигра во овие моменти и беше постојана закана по левата страна, па токму врз него стартуваше Габриел Крстевски, кој доби црвен картон во 77. минута. Очекувано,пелистерци се повлекоа повеќе откако останаа со играч помалку, а Силекс имаше нова шанса преку Ѓорѓиевски од корнер и уште една преку Додев, кој продре до петерецот но топката му побегна малку подесно и не успеа да го совлада голманот Натаниел Димовски. Времето полека изминуваше и стануваше јасно дека головите денес ќе бидат само мисловна именка, а тоа го потврди и Пелистер со стабилната одбрана до крајот на мечот.
