Пелистер ги запали моторите за втората полусезона!

Фудбалскиот клуб Пелистер тргна во нова етапа откако на клупата го промовира Срѓан Захариевски. Македонскиот стратег го наследи Влатко Костов на позицијата шеф на стручниот штаб, а веќе се запозна со играчите и ја одржа првата прозивка во новиот клуб. 

Захариевски ги свика фудбалерите и ги започнаа подготовките за втората полусезона во Првата македонска фудбалска лига. Со професионален пристап тргна новата етапа на пелистерци на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. 

Пелистерци првата фаза на подготовките ќе ја одржат во Битола. Потоа пред крајот на јануари следува преселба на тренинг кампот во Охрид, за каде се планирани четири-пет пријателски натпревари.

Своја изјава за клубската вебстрана даде новиот шеф на стручен штаб.

Благодарност до управата на Пелистер, која реши да ме ангажира вторпат во кариерата. Сега ситуацијата е сосема поинаква од порано, тоа го предочив и во соблекувалната. Пристапот на челните лица е одличен, условите се феноменални и прекрасно е кога соработуваме со фудбалски луѓе, односно луѓе кои биле дел од овој спорт. 

Од она што го видов во есенскиот дел, мислам дека ќе ни требаат уште 3-4 засилувања за да бидеме уште поконкурентни. Работите на табелата полека се кристализираат и нештата стануваат јасни. Сакаме да креираме еден стабилен Пелистер, тим кој догодина би направил исчекор погоре и да се бориме за излез во Европа.Се надевам деќа ќе ја имаме максималната поддршка од верната битолска публика. Она што го видов на вечното дерби како тренер на Вардар беше навистина феноменално. Теренот е одличен, а предизвик се и ноќните термини. Се надевам дека ќе имаме успешна пролет, но најпрво мораме добро да се подготвиме. Планот е да заминеме во Охрид и да одиграме 4-5 контролни натпревари“, изјави Захариевски. 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *