Ни претставува особено задоволство што нашиот фудбалски дом, стадионот „Петар Милошевски“, од денес е на европската фудбалска мапа. Благодарение на планот и реализацијата на Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија и со несебична поддршка на луѓето од нашиот клуб, успеавме да реализираме голем потфат – нашиот стадион доби лиценца од втора категорија и во иднина редовно ќе организира меѓународни натпревари од високо ниво. Со тоа широко ги отворме вратите за нашите фудбалери, за нашите национални репрезентации и нема повеќе да бидеме принудени на бидеме домаќини на европски натпревари на други стадиони во нашата земја.
Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во потребните рокови го завршија процесот на реновирање и приспособување на стадионот „Петар Милошевски“ за одигрување на меѓународни натпревари. Стадионот ја помина инспекцијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и доби лиценца за втора категорија, што вклучува меѓународни натпревари и на клупско и на репрезентативно ниво.
Во процесот на комплетирање на стадионот поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор. Дополнително, теренот е обновен со механизација и лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за претстојниот натпревар.
Сакаме да им се заблагодариме на сите учесници во овој долг процес кој се наоѓа пред самиот крај во оваа фаза на реновирање. Посебно го апострофираме придонесот на Фудбалската федерација на Македонија и нашиот единствен акционер, Општина Битола, кои покажаа високо ниво на планирање, професионалност и навременост за реализација на проектот. Верувам дека постојано ќе ги подобруваме условите на стадионот и ќе го подигнуваме нивото на организација според високите национални и интернационални стандарди.
