Главна стратегија на новата управа е да направиме преструктуирање, реорганизација и осовременување на работата на школата, со можност што е можно да ги следиме модерните фудбалски текови на глобално и регионално ниво.
Главен акцент ќе ставиме на системот на работа, на начинот на обука на нашите деца во сите генерации. Наша идеја е да направиме препознатлив стил на игра, препознатлив индивидуалец.
Ќе воспоставиме принципи на работа и одредена програма во која акцентирани се посед, прогресивен посед и агресивен пресинг во сите фази.
Се структуираме, четири генерации се во Суперлига, две генерации се во регионална лига (преднатпреварувачки генерации) и екипи во детска лига. Секоја возрасна категорија ќе ја применува нашата програма. Ако досега во секоја генерација работеше по еден тренер со повеќе деца, нашата замисла е во сите возрасни категории да работат по два тренери (главен тренер и асистент). Овозможивме доволен фонд на тренери кои максимално посветено ќе работат со нашите деца.
Еден од проблемите ни се едуцираните тренери и бројката на тренери кои ќе ја исполнат нашата програма. Во овој момент работат десет тренери во сите возрасни категории, со што сме добро екипирани.
Младинци: Симе Бендевски
Кадети: Михајло Корлевски
Пионери: Никола Мрмарчевски
Помлади пионери: Димитар Капинковски
Генерација 2008: Гоце Тодоровски и Драган Димитровски
Генерација 2009: Гоце Тодоровски и Ѓоко Илијоски
Генерација 2010: Драган Димитровски и Љупчо Тодоров
Генерација 2011: Драган Димитровски и Гоце Тодоровски
Генерација 2012: Горан Пашовски и Љупчо Тодоров)
Генерација 2013: Фатон Таири и Горан Пашовски
Генерација 2014: Горан Пашовски и Фатон Таири
Генерација 2015 и 2016: Љупчо Тодоров и Ѓоко Илијоски
Имаме два тренери на голмани (Владе Костадиновски и Зоран Гулевски), имаме кондиционен тренер во школата (Сашо Велјановски). Ангажиравме тренер кој индивидуално ќе работи со најдобрите наши деца во школата и ќе работи на тактичка обученост на тренерите (Вангел Алтипармаковски). Ни се приклучија и Миле Димов, кој ќе работи со помладите категории во детската лига и Кире Грозданов, кој е задолжен за техничките работи и скаутинг.
Имаме цврсти убедувања дека конечно ќе добиеме наш фудбалски центар, кој ќе биде дом за нашите деца кои тренираат во школата.
Во минатото можеби немаше оптимална соработка меѓу фудбалските школи од градот и ФК Пелистер. Воспоставување нормални услови и потпишување на меморандум на соработка со сите школи од градот и регионот и нашиот клуб е наша наредна мисија. Верувам дека ќе дојде до фудбалско обединување во Битола и сите сегменти ќе работат во интерес на Пелистер. Моја идеја и задача е тоа да се имплементира и единствен фактор за тоа кој ќе го носи дресот на Пелистер да биде квалитетот.
Сите средства кои клубот ги добива од ФФМ и чланарината на нашите членови, наменски се користат за школата на клубот. Тие средства не се доволно за нашите замисли, но се добра основа за оптимални услови на работа.
Турнирите фалеа во минатото. Од 20 до 24 април Пелистер ќе учествува на силен меѓународен турнир во Макарска. Најавени се сериозни екипи од шест земји од регионот. Тоа е идеална можност да видиме до каде сме со Динамо Загреб, Шахтјор, Хајдук, Војводина, Олимпија…Заради побрзо созревање и контакти за понатамошна соработка со елитни клубови, цел ни е да учествуваме на ваков вид на турнири.