Пелистер се врати на победите!

Денеска на стадионите низ Македонија се одигра 22 коло од ПМФЛ, а во Битола Пелистер го пречека тимот на Воска Спорт од Охрид.

На прекрасен тревник на стадионот Петар Милошевски , по сончево време и одлични услови Пелистер ја угости екипата на Воска.Пелистерци беа под императив, односно мораа единствено да победат за да се врати мотивацијата во тимот и секако осигурување на 7-мото место на табелата.

Пелистерци повеќе ја имаа топката од стартот, се обидуваа да креираат шанси и да го скршат отпорот на гостите. Сепак, тоа не одеше така лесно и Воска Спорт успеа да се одбрани. Првата вистинска шанса на мечот ја имаа гостите преку хрватскиот напаѓач Виноградац, кој излета сам пред домашниот гол, ама Андреј Јовчевски го скроти ударот. Во финишот на полувремето темпото на игра опадна, а се крена тензијата и имаше една турканица.

На стартот на вториот дел креирана беше по една шанса на двете страни. Прво по корнер Воска Спорт имаше обид со глава, а потоа пелистерци беа опасни по уфрлена топка. Уште еднаш Пелистер се наметна преку нафрлување и удар со глава на Ристевски, ама голманот Гаје лесно одбрани. Конечно битолчани стигнаа до водство во 65. минута, откако повратникот Филип Бошковски, украде топка и со удар откосо по земја го матира гостинскиот голман (1-0).

До крајот на натпреварот Пелистер успешно го затвори приодот до голот на Јовчевски и издвојува многу важна победа на домашен терен.

СЛЕДЕН НАТПРЕВАР КОЈ ПЕЛИСТЕР ЌЕ ГО ОДИГРА Е ПРОТИВ ЕКИПАТА НА ШКЕНДИЈА НА ГОСТИНСКИ ТЕРЕН!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *