По тримесечна пауза, овој викенд продолжуваат фудбалските шампионати на Македонија, а своето деби во новиот клуб го очекува Бобан Бабунски. Поранешниот селектор ќе дебитира на клупата на Пелистер во домашниот дуел против Кожув.
Преостана уште еден тренинг до пролетниот прв натпревар, а Бабунски е задоволен од првиот месец во Битола.
„Проектот на Пелистер е предодреден да успее. Имаме идеални услови за работа, работна атмосфера, добар ростер и град кој живее и го поддржува клубот. Добро се подготвивме, напорно работиме и со нетрпение ги чекаме официјалните натпревари. Нема да потцениме ниту еден противник и ќе влеземе максимално против секој ривал. Тимот е исполнет со искусни фудбалери, но и тројцата млади фудбалери кои пристигнаа зимава минаа одличен подготвителен процес.
Кожув е првиот ривал и ние максимално ќе го анализираме, за подготвени да влеземе во дуелот в сабота и да не ни се повторат некои грешки од есенските натпревари. Ги повикувам битолчани на стадион, да ни дадат поддршка и заедно да се радуваме“, рече тренерот Бобан Бабунски.
Со оглед на тоа што подготовките ги минаа во Охрид, а тест натпревари играа во Струга и Кавадарци, пелистерци уште не се претставиле пред битолската публика и „Чкембарите“. Првите минути на „Петар Милошевски“ во зелениот дрес се очекува да ги одиграат Марио Наумоски, Бојан Спиркоски и Еран Парталко.